ПОЧЕТНА » НЕГОТИНО » ООУ ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ НЕГОТИНО СО РЕАЛИЗАЦИЈА НА БРОЈНИ АКТИВНОСТИ

ООУ ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ НЕГОТИНО СО РЕАЛИЗАЦИЈА НА БРОЈНИ АКТИВНОСТИ


Додадено на 06-06-2016 во НЕГОТИНО

Изминатата недела во ООУ „ Гоце Делчев “ во Неготино беше организиран квиз-натпревар насловен „ Заедно учиме “. Овој квиз беше во рамки на активностите за  унапредување на интегрираното образование предвидени со стратешкиот документ „Чекори кон интегрирано образование во образовниот систем на Р. Македонија “. На овој квиз натпревар учество земаа ученици од шестто и седмо одделение распоредени по тројца во екипа. Целта на оваа активност беше учениците да ги продлабочат своите компетенции кои им се потребни за живот во интегрирано мултиетничко општество во духот на меѓусебно разбирање, мир, почитување на другите, прифаќање на разликите и право на еднаквост на сите. Токму затоа, квизот се состоеше од прашања поврзани со мултикултурата. Како најдобри се покажаа учениците од седмо одделение кои се натпреваруваа под менторство на наставник Стевка Величковска. На овој натпревар присуствуваа и ученици од второ до петто одделение, а присутни беа и наставници од училиштето.

Во рамките на проектот Меѓуетничка Интеграција во образованието, наставникот Елена Јанева реализираше ДЕБАТА заедно со учениците од 8 и 9 одделенија. Учениците имаа можност да дебатираат на тема ,,Образованието-врата кон успехот", да ги произнесат своите ставови за афирмација и негација и да дојдат до заклучокот дека навистина образованието е врата кон успехот. На лицата на сите ученици можеше да се виде огромно задоволство и желба за понатамошни активности од овој карактер. На дебатата присуствуваа наставник Павлинка Вељаноска и педагог Весна Трајкова кои го проследија излагањето и дебатирањето на дебаторите,како и многу ученици заинтересирани за ова популарна активност во училиштето.