ВО РАМКИ НА МАНИФЕСТАЦИЈАТА ТОПОЛ КУЛТУРЕН БРАН 2016, СИНОЌА ВО МУЗЕЈОТ НА ГРАД НЕГОТИНО БЕШЕ ОТВОРЕНА ЛИКОВНАТА ИЗЛОЖБА АЛЕКСАНДАРСКИ АРТ
Синоќа во изложбениот салон на Музејот на град Неготино беше отворена ликовната изложба Александарски арт. Оваа изложба беше отворена во рамки на манифестацијата Топол Културен бран 2016, а беше во организација на Музејот на град Неготно, општина Неготино секако поддржано од Министерството за култура на Р. Македонија. Целта на манифестацијата е да се презентира богатото македонско културно наследство, како и да се промовираат културните вредности кои се дел од непрекинатото духовно творење, инспирирано од традицијата и неминовните животни процеси како дел од современиот начин на живот.
„ Со особено задоволство ја претставувам вечерашната ликовна изложба со која ни се претставуваат творци од фамилијата – Александарски од Велес. Носителот на уметничкиот дух е Златко на кого вечерва му се придружија и неговите деца ќерката Кристина и синот Стефан кои растејќи со уметноста покрај нивниот татко уметник, уште рано го започнале своето сликарско формирање.Тоа се две генерации на сликари на кои уметноста им станала составен дел од животот, во функција на животна определба и духовно исполнување “ – истакна директорот на неготинскиот музеј Костадинка Филипова.
Филипова додаде дека преку разговорот со Златко го дознала неговото изучување на вајарството, на школата за применета уметност во Скопје, по што истакнува дека уметниковата душа не признава граници во уметноста, па така и тој се обидел во сликарството кое набргу станало негова професионална определба.
По истиот пат чекорат и неговите наследници Кристина која дипломирала на Уметничката академија во Скопје во 2014 и Стефан кој штотуку ги започнува студиите на уметничкото образование. Своето творење го изразуваат во Маслена техника, користејќи широк спектар на бои, како и монохромност при што го постигнуваат ефектот на графичка обработка на поедини ликови. Тематскиот избор варира, меѓутоа тој е сведен на пејзажи, портрети и мртва природа.
Изложените слики биле копија на реалистични визури, кои уметниците ги овековечиле во своите платна, претставувајќи ги негибнатите предели од кои извира сила и енергија, која се губи во масата на суровите карпи или се разлева по морските површини. Портретите на Рембрант кој се инспирација за многу сликари, како и другите ликови се изработени со голема прецизност и аналитичност, која заоѓа во фактографска веродостојност, која е една од одликите на реализмот. Во делата изразита била застапеноста на меките нијансирања на тоновите, густите и флуидни површини како и рафинираната хармонија на бои со свежа и топла гама, посебно експонирана во мотивите на мртва природа, кои севкупно и даваат интересна колористичка нота на изложбата.
Всушност истражувачкиот дух кај Златко бил доволен тој да се зафати и со друг предизвик во сликарството. Тоа е зографството инспирирано од христијанската религија и духовното културно наследство, зачувано во верските храмови ширум Македонскиот простор.
„ Ова сликарство подредено на црковните канони, со особена прецизност е пренесено и на ѕидовите од црквата „ Св. Атанасиј “ во Неготино. Во фреските, со особена вештина уметникот преку наративното претставување на сцените не води низ теми и личности од стариот и нов завет, потсетувајќи не на традиционалното средновековно фигурално сликарство. Овој дијапазон на творење, базиран врз исклучително познавање на сликарската техника во творештвото на уметникот го овозможило егзистирањето на две дијаметрално разнородни сликарски димензии, произлезени од традицијата и современата уметност, меѓутоа мајсторски споени во неговото творештво. Затоа во неговото творење покрај насликаните дела траен извор за неговите достигнувања ќе останат и фреско живописот и иконописот во верските храмови “ –додаде Филипова.
Своите дела сликарите ги претставиле на повеќе групни и самостојни изложби во Македонија. Синоќешната изложба беше интересна бидејќи на едно место беа собрани уметничкото искуство и младешката иновативност на творење на членовите на Александарски арт.
Директорката Филипова им честита на вложениот труд и досега постигнат успех, и им посака успешно творење и во иднина и повторно гостување во изложбениот салон во Музеј на град Неготино по што ја прогласи и изложбата за отворена.